Општина Центар ја реализира првата фаза од проектот за партерно и хортикултурно уредување на улицата „Даме Груев“, кој го опфаќа потегот од Зеленото пазарче до улицата „Македонија“, како и делот од улицата „Македонија“ до Собранието на Република Северна Македонија.
Во рамки на проектот се уредуваат јавните површини и се поставува нова урбана опрема, со што овој дел од централното градско подрачје добива пофункционален и посовремен изглед, информираат од Општина Центар.
Предвидено е поставување нови клупи и корпи за отпадоци, а просторот ќе биде збогатен и со детско игралиште и современа теретана на отворено, наменети за рекреација и дружење на граѓаните од сите возрасти.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека уредувањето на јавните простори останува еден од приоритетите на општината.
„Со партерното и хортикултурното уредување, како и со поставувањето нова урбана опрема, го разубавуваме и осовременуваме овој значаен дел од центарот на градот. Создаваме функционални, уредени и зелени јавни простори каде граѓаните ќе можат да одморат, да се рекреираат и да поминуваат квалитетно време со своите семејства“, посочи Герасимовски.
Од Општината додаваат дека со реализацијата на проектот продолжуваат со унапредување на јавната инфраструктура и создавање безбедни и пријатни простори согласно потребите на граѓаните.


