Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против три физички лица, како и против правно лице, поради сомнение за сторено кривично дело „Даночно затајување“ по член 279 од Кривичниот законик.
Според информациите од Финансиската полиција, пријавените – управители и сопственици на правното лице, во текот на април 2024 година договориле и реализирале продажба на производна линија за кабли во вредност од 14.514.000 денари, но трансакцијата не ја евидентирале во сметководствената евиденција на компанијата.
Од продажбата, како што се наведува во пријавата, дел од средствата во износ од 2.701.189 денари биле префрлени на лични банкарски сметки и сметки на блиски лица, без да бидат заведени во деловната документација на фирмата.
Дополнително, дел од продажбата бил реализиран преку компензација со патничко возило во вредност од 1.537.500 денари и кабли во вредност од 1.516.500 денари, кои исто така не биле евидентирани во документацијата и не биле пронајдени кај правното лице.
Од Финансиската полиција додаваат дека управителот на компанијата не ги отпишал и не ги оданочил неплатените обврски кон домашни и странски добавувачи од 2022 година, во вкупен износ од 17.380.716 денари.
Со овие дејствија, според пријавата, не биле пресметани, пријавени и уплатени данок на додадена вредност, данок на добивка и данок на личен доход, со што Буџетот на државата бил оштетен за вкупно 4.677.362 денари.


