Сите ученици на територијата на општина Гази Баба и годинава добиваат бесплатни училишни униформи, соопшти градоначалникот Бобан Стефковски, кој денеска присуствуваше на нивното делење во основното училиште „Стив Наумов“.
Проектот за бесплатни униформи започна да се реализира во 2023 година, а според градоначалникот, веќе преоѓа во традиција што се спроведува секоја учебна година.
„Идејата е едноставна – кога децата ќе застанат едно до друго, да нема разлики! Да има еднаквост, да има припадност, да има чувство дека училиштето е место каде сите имаат еднаква вредност и еднаква шанса“, порача Стефковски.
Тој додаде дека оваа мерка има за цел да обезбеди еднакви можности за сите основни и да претставува поддршка за семејствата.
„Униформата е многу повеќе од парче облека. Таа е порака дека секое дете е важно, секое дете заслужува еднакви услови и секое дете заслужува можност да го оствари својот потенцијал“, истакна градоначалникот.
Стефковски исто така нагласи дека образованието останува еден од главните приоритети на општината и најави продолжување на инвестициите во подобрување на условите во сите општински училишта.
„Она што во 2023 година беше ветување, денес е традиција, а нашата обврска е оваа традиција да продолжи да расте“, заклучи тој.


