Основното училиште „Браќа Миладиновци“ новата учебна година ја започна со унапредена инфраструктура и подобрени услови за престој на учениците, соопшти градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, по денешната посета на училиштето.
При увидот во реализираните инвестиции, Георгиевски информираше дека се целосно реновирани три училници и е опремена нова просторија за продолжен дневен престој.
Со воведувањето на оваа можност во ООУ „Браќа Миладиновци“, од оваа учебна година сите основни училишта на територијата на општина Илинден нудат престој за учениците.
Покрај внатрешните простории, извршено е и партерно уредување на дворот со бекатон плочки, а започнати се и активности за поставување летниковец.
Во рамки на овие зафати, уреден е и дворот на подрачното училиште во населеното место Текија.
„Инвестициите во образованието продолжуваат, создаваме услови за модерен образовен процес“, порача градоначалникот Георгиевски.


