Стефанова: Груевски како премиер противправно стекнал имот

Јавната обвинителка Лиле Стефанова кажа дека на Никола Груевски треба да му се изрече највисока казна, а на Сашо Мијалков казната да биде повисока од предвидената.

Воедно, обвинителката денеска од судот побара конфискација на становите на Никола Груевски, вклучително и трите стана во Панорама, сопственост на фирмата „СС инвестмент”. Што се однесува на останатите обвинети застапникот на обвинението го процени како исклучително важен исказот на обвинетиот Ристо Новачевски и му предложи на судот истиот да биде условно казнет. Додека за обвинетите Ненад Јосифовиќ и Јордан Камчев, обвинителката Стефанова побара минимални казни. Во завршните зборови обвинителката Стефанова наведе дека го повлекува обвинението за Ратка Камчева.

– Никола Груевски како премиер ја користел својата функција противправно за да се стекне со имот. Сашо Мијалков во својот исказ негираше дека ги презел дејствијата кои му се ставата на товар. При претрес на неговото возило беа пронајдени договори склучени со фирмата „СС инвестемент” за становите во Панорама, рече обвинителката Стефанова.

Одбраната на обвинетиот поранешен премиер Никола Груевски, кој се суди во отсуство истакна дека судот треба да им довери верба на доказите, а не на претпоставките. Според бранителот на обвинетиот Груевски, исказите на сведоците се претпоставка, односно лаги и невистини и, како што кажа, нема докази против неговиот клиент.

Судењето за овој предмет го води судијата Илија Трпков.

12.04.2022 - 12:46

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега