Политикологот и безбедносен аналитичар Милан Стефаноски во гостување на емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 зборуваше за формирањето на таканаречениот „одбор за мир“ поврзан со политиките на поранешниот американски претседател Доналд Трамп и позицијата на Македонија во актуелните геополитички динамики.

Стефаноски оцени дека глобалниот поредок се наоѓа во фаза на трансформација и дека се менуваат политичките, економските и безбедносните рамнотежи на светско ниво.

-Глобалниот светски поредок се распаѓа и се создава нов поредок. Тоа е динамичен процес кој отсекогаш се одвивал, рече тој, додавајќи дека САД настојуваат да го предводат новиот глобален безбедносен модел.

Во анализата беше поставено прашањето како Македонија треба да се позиционира како рамноправна членка на НАТО, имајќи предвид дека земјата не е поканета да учествува во иницијативата, за разлика од држави од Блискиот Исток и Азија.

-Ние сме членка на НАТО и географски припаѓаме на Европа. Нашите аспирации се насочени кон интеграција во Европската Унија и затоа мораме да бидеме усогласени со европската надворешна политика, истакна Стефаноски.

Тој оценува дека во случај Македонија да добие покана за учество во вакви иницијативи, одговорот треба да биде внимателно разгледан.

-Никогаш не е лошо да бидете на маса со најголемите и да учествувате во иницијативи за мир, но без напуштање на традиционалните безбедносни, политички и економски рамки во кои имаме стратешки интерес, додаде аналитичарот.

На крај, Стефаноски подвлече дека државата мора да настапува мудро, предпазливо и секогаш во согласност со националните интереси.

Exit mobile version