Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека чувствува олеснување по изненадувачката одлука на американскиот претседател Доналд Трамп да се откаже од воведување дополнителни царини за европските земји, во контекст на прашањето за Гренланд.

„Многу сум благодарен што претседателот Трамп се воздржа од првичните планови за преземање контрола врз Гренланд. Исто така, благодарен сум што тој се откажа од наметнувањето дополнителни царини на 1 февруари“, изјави Мерц по пристигнувањето на самитот на Европската Унија во Брисел.

Самитот првично беше свикан со цел изработка на заеднички европски одговор на заканите од Вашингтон. По најновите случувања, европските лидери ќе се насочат кон извлекување поуки и кон дефинирање долгорочен пристап за справување со променливите трансатлантски односи.

Мерц нагласи дека Европската Унија мора дополнително да ја зајакне својата отпорност и стабилност.

„Европската Унија и европскиот дел на НАТО мора да бидат способни сами да се заштитат“, посочи германскиот канцелар, додавајќи дека и покрај одреден напредок, Европа сè уште не го направила сето она што е неопходно.

Exit mobile version