Данска гледа можност за нови преговори со Соединетите Американски Држави за зајакнување на безбедноста на Гренланд, по објавувањето на рамковниот договор меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

„Се отвори можност повторно да водиме реални преговори меѓу Данска и Гренланд, од една страна, и САД, од друга страна“, изјави данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен на заедничката прес-конференција со неговата шведска колешка Марија Малмер Стенергард во Стокхолм.

Трамп претходно, на Светскиот економски форум во Давос, изјави дека разговорите со Руте резултирале со „рамковен договор“ за автономната данска територија. Иако деталите за постигнатиот компромис не беа објавени, американскиот претседател нагласи дека САД добиле „сè што сакале“.

Расмусен потсети дека за време на Студената војна САД одржувале 17 воени бази и објекти на Гренланд, со околу 10.000 припадници на персоналот, додека денес е активна само една база. Данска, како што истакна, веќе ветила дека ќе го зајакне своето воено присуство на Арктикот.

„Сметаме дека е добра идеја да го зајакнеме нашиот ангажман во НАТО за да обезбедиме попостојано присуство на Алијансата, не само на Гренланд, туку и на целиот Арктик“, додаде данскиот министер.

Exit mobile version