Нов стан во скопската Општина Центар достигнал рекордна цена од 3.360 евра (206.640 денари) за метар квадратен во вториот квартал од годинава, покажуваат податоците од објавениот Извештај на Регистарот на цени и закупнини. За овој стан со површина од 50 метри квадратни, продаден директно од инвеститор, платени се вкупно 168.000 евра.

Кај продажбите на стари станови, пак, највисока цена по метар квадратен е евидентирана во Охрид и изнесува 3.200 евра (197.408 денари), односно за стан од 66 метри квадратни се платени 211.200 евра.

Во периодот од април до јуни годинава на пазарот на недвижности се регистрирани вкупно 8.369 трансакции (купопродажби и закупи), што е раст од 7,9 проценти во споредба со првиот квартал.

Вкупната остварена финансиска вредност на пазарот за овој тримесечен период изнесува 351,7 милиони евра, бележејќи зголемување од 27,3 проценти во однос на претходниот квартал.

Според податоците од Агенцијата за катастар на недвижности, регистрирани се 977 продажби од инвеститор, од кои 943 се станови, а 34 се куќи. Дополнително, досега се запишани 28.352 листови за предбележување на градба, што укажува дека овие објекти се во фаза на изградба и наскоро ќе се најдат во продажба.

Споредено со првиот квартал, бројот на продадени станови е зголемен за 37 проценти, а нивната вкупна финансиска вредност за 43 проценти. Бројот на продадени куќи во овој квартал е зголемен за 13 проценти, а финансиската вредност за 22 проценти.

Раст на купопродажбите се бележи и кај земјоделското земјиште и шумите за 7 проценти, градежното земјиште за 16 проценти, како и кај гаражите каде има зголемување од 34 проценти во бројот на продажби. Кај деловните простории е забележан пад на вкупната вредност од 7 проценти, иако бројот на продадени единици пораснал за 21 процент.

По општини, најголем број продадени станови се евидентирани во Аеродром (297 станови), а најмногу продадени куќи во Битола (64). Најмногу деловни простории се продадени во Општина Центар (33), додека во Куманово се регистрирани најмногу купопродажби на земјоделско (79) и градежно земјиште (45).

Вкупно во вториот квартал од 2026 година се продадени недвижности со површина од 7,8 милиони метри квадратни и вкупна остварена цена од над 21,5 милијарди денари.

Exit mobile version