Пожарот што денеска по 13:00 часот изби на градската депонија „Сува Река“ кај Валандово е целосно локализиран по соодветната интервенција на терен и ангажирањето на воздушна поддршка.
Огнот, под влијание на ветерот, брзо се проширил врз околната ниска вегетација и претставувал опасност за опфаќање на поголема површина, поради што беа активирани два „ер-трактори“ на Дирекцијата за заштита и спасување.
Првиот човек на општината потврди дека состојбата е ставена под контрола, но екипите остануваат да дежураат.
- Пожарот е целосно локализиран, а на терен дежураат единиците на ТППЕ Валандово и вработените во ЈП Македонски шуми од подружницата Валандово – градоначалникот на Општина Валандово, Ѓоко Камчев.
Од Дирекцијата за заштита и спасување појаснија дека специфичноста на теренот налагала итно вклучување на авионите за гаснење пожар.
- Поради стрмниот тешко прооден терен и густата вегетација полна со трње, од страна на градоначалникот на Општина Валандово, Ѓоко Камчев, веднаш беше побарана воздушна помош. Набргу потоа полетаа два ,,ер трактори” на Дирекцијата, соопштија од ДЗС.
Непосредно пред да избие пожарот на депонијата, во надлежните служби бил пријавен уште еден пожар во атарот на валандовското село Удово, но тој брзо бил ликвидиран со брзата реакција на пожарникарите.
Поради зачестените инциденти, од Терторијалната противпожарна единица Валандово упатија апел до граѓаните да не палат стрништа, сува вегетација и отпад на отворен простор.
Од ТППЕ предупредуваат дека против сите кои ќе бидат затекнати или пријавени дека предизвикуваат пожари ќе биде поднесена соодветна пријава до надлежните институции, согласно законските прописи.


