Грчките здравствени власти регистрираат нов пораст на бројот на заболени од вирусот Западен Нил, при што од почетокот на годината се потврдени 42 случаи на инфекција, а четири лица починаа.
Надлежните предупредуваат дека летниот период и зголемената активност на комарците дополнително придонесуваат за ширење на вирусот и апелираат за зголемена претпазливост кај населението.
Според податоците од Националната организација за јавно здравје на Грција (ЕОДИ), сите починати лица биле на возраст над 65 години, што ги потврдува проценките дека повозрасните и хронично болните се најизложени на ризик од компликации.
Од вкупно 42 потврдени случаи заклучно со 29 јули, кај 37 пациенти се развиле сериозни невролошки компликации, како енцефалитис и менингитис, додека кај пет лица била забележана полесна клиничка слика.
Бројките покажуваат засилен тренд на инфекцијата, имајќи предвид дека само во изминатата недела се регистрирани 21 нов случај, од кои еден е поврзан со патување во земја каде што вирусот е ендемски.
Во моментов во грчките болници се хоспитализирани 13 пациенти, од кои петмина се наоѓаат на одделенијата за интензивна нега, додека здравствените служби спроведуваат засилен надзор на терен.
Вирусот Западен Нил се пренесува преку каснување од заразен комарец и кај ризичните групи со ослабен имунитет може да предизвика тешки здравствени состојби, иако голем дел од инфицираните немаат изразени симптоми.
За превенција, експертите препорачуваат носење соодветна облека со долги ракави, употреба на заштитни мрежи и репеленти, како и отстранување на сите извори на застојана вода каде што се размножуваат комарците.


