Европската комисија објави дека испратила документ со прелиминарни забелешки до кинеската групација „ПДД Холдингс“ (PDD Holdings), сопственик на платформата „Тему“ (Temu), и нејзината европска подружница „WhaleCo Technology“, поради сомнение за попречување на инспекциска контрола.

Постапката е покрената поради сомневања дека компанијата го попречила спроведувањето на инспекцијата која била дел од пошироката истрага за можни странски субвенции.

Според прелиминарната процена на Комисијата, „Тему“ не соработувал целосно со истражителите за време на ненајавената инспекција, која се одвивала од 2 до 5 декември 2025 година во просториите на компанијата во Даблин.

Истражителите наведуваат дека за време на контролата не им биле доставени бараните информации и деловна документација.

Меѓу другото, Европската комисија не ги добила потребните податоци за организацијата на работењето на „Тему“ во рамките на Европската Унија, информациските системи што ги користи платформата, како и конкретни деловни книги и записи.

Од Комисијата оценуваат дека ваквото постапување директно го спречило проверувањето на податоците кои би можеле да бидат од клучно значење за главната истрага.

Сепак, од ЕК нагласуваат дека оваа постапка се однесува исклучиво на наводното попречување на инспекцијата и со ништо не го прејудицира крајниот исход од главната истрага.

Главната истрага, која сè уште е во тек, треба да утврди дали „Тему“ користел странски субвенции со кои се нарушува фер конкуренцијата на единствениот пазар на ЕУ.

Доколку прелиминарните наоди бидат официјално потврдени, Европската комисија има законска можност да ѝ изрече казна на компанијата во висина до еден процент од нејзиниот вкупен годишен промет остварен во претходната деловна година.

Exit mobile version