Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, денеска оствари работна средба со министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамет Хоџа, посветена на напредокот и предизвиците во спроведувањето на ИПА-проектите во секторот животна средина.
Како што соопшти Министерството за европски прашања (МЕП), на средбата беше истакнато дека и покрај значајната финансиска поддршка од Европската Унија, реализацијата на проектите се соочува со одредени тешкотии, особено во апсорпцијата на средствата, административниот капацитет и спроведувањето на јавните набавки.
-Посебно внимание беше посветено на статусот на клучните инфраструктурни проекти, при што дел од нив се соочуваат со доцнења, неуспешни тендерски постапки или прекинати договори, што претставува ризик за навремена реализација и користење на средствата. Министрите се согласија дека главниот предизвик не е во планирањето или обезбедувањето средства, туку во нивната ефективна имплементација. Затоа е неопходно зајакнување на административните капацитети, подобрување на управувањето со проектите, поефикасна координација меѓу институциите и воспоставување механизми за спречување на неуспешни тендери.
Исто така, беше нагласена важноста од забрзување на реформите во рамки на Поглавје 27 и исполнувањето на обврските од Реформската агенда, со особен акцент на климатската политика и воспоставувањето на MRVA-системот.
-Сали нагласи дека Министерството за европски прашања ќе продолжи активно да ја координира и следи имплементацијата на реформите, со цел поефикасно користење на ЕУ-средствата и постигнување конкретни резултати за граѓаните, соопшти МЕП.

