Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево во Париз остварил средба со францускиот министер делегиран за Европа, Бенџамин Адад, на која разговарале за натамошно унапредување на билатералните односи, продлабочување на политичкиот дијалог и зајакнување на соработката на владино ниво, со посебен фокус на економската соработка.
-Попладнево, во рамки на работната посета на Франција, остварив средба со министерот делегиран за Европа, Бенџамин Адад. Нагласив дека европската интеграција е приоритет на Владата, која е силно посветена на спроведувањето на Реформската агенда. Воедно истакнав дека, заедно со Планот за раст, тие претставуваат клучни процеси за напредокот на земјите од Западен Балкан кон Европската Унија, објави Муцунски на својот Фејсбук профил.
Муцунски информира дека заедно со Адад се согласиле дека е неопходно забрзување на процесот на евроинтеграција и дека истиот треба да биде заснован на мерит-систем.
-Ја нагласивме и нашата улога како фактор на безбедност и стабилност во регионот, а стана збор и за актуелни регионални, европски и глобални прашања, додава Муцунски во објавата на Фејсбук


