Значителен раст на бројот на патници и отворање на нови авиолинии бележат македонските аеродроми, што според заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски е резултат на актуелниот модел на субвенционирање.

Во гостување во „Топ Тема”, тој посочи дека наместо формирање национален авиопревозник, Владата се насочила кон политики кои веќе носат конкретни резултати – зголемен број на патници и десетици нови авио дестинации.

-Во однос на национален авио превозник, мојот став е дека за држави под 20 милиони жители, тоа е неисплатливо, имајќи предвид дека бројот на население е далеку од тоа што се прави да има број на летови кои што можат да направат исплатливост и всушност примерите од нашиот регион тоа го покажуваат. Мислам дека овој концепт кој што го имаме сега, на благо субвенционирање на патници на доаѓање и веќе ги дава резултатите, рече Николоски и ги потенцираше примерите од соседството каде компании или едвај преживуваат или се банкротирани.

Тој посочи дека растот на македонските аеродроми е особено изразен во првите месеци годинава, при што скопскиот аеродром бележи пораст од 30 проценти, додека охридскиот аеродром има раст од 20 проценти.

-Ние имаме 24 нови дестинации откако е избрана оваа Влада. Минатата година двата аеродроми заедно стигнаа до 3.350.000 патници. Оваа година очекувам да одат на 3,5 милиони, а веќе следната и на 4 милиони. Скопскиот аеродром оваа година во првите три месеци има раст за 30%, охридскиот 20%.

Николоски додаде дека скопскиот аеродром веќе го надминал аеродромот во Приштина по однос на растот, оценувајќи дека според овој параметар, годинава ќе биде водечки на просторот на поранешна Југославија, а значително напредува и во вкупниот број на патници.

Exit mobile version