Промена на времето со врнежи од дожд и снег на повисоките места најавуваат метеоролозите поради засилена циклонска активност. Според прогнозата на Управа за хидрометеоролошки работи, врнежите локално ќе бидат пообилни и на места ќе надминат 30 литри на квадратен метар.

Со продор на постудена воздушна маса, на планините и на повисоките подрачја дождот ќе преминува во снег. Ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец, најизразен долж Повардарието.

Утринските температури ќе се движат од минус еден степен во Маврово до седум степени во Гевгелија, додека максималните дневни ќе бидат од три степени во Маврово до 12 степени во Гевгелија.

Во Скопје времето ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд и слаб до умерен северен ветер. Температурата ќе се движи од 5 до 9 степени.

Во петок се очекува променливо облачно време со локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Ќе дува умерен ветер, кој долж Повардарието повремено ќе засилува. Минималните температури ќе бидат од -1 до 6 степени, а дневните од 8 до 13 степени.

Во сабота времето ќе биде променливо облачно со сончеви интервали и услови за слаб локален дожд. Се очекува засилен до силен северозападен ветер.

Утринските температури ќе се движат од 0 до 7 степени, а дневните од 10 до 16 степени.

Exit mobile version