Средба Џафери – Троказ: Северна Македонија да продолжи по зацртаниот пат на европска интеграција

 

На маргините на лидерскиот состанок за Планот за раст кој се одржува во Котор, Црна Гора, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери оствари билатерална средба со специјалниот пратеник за Западен Балкан на Франција, Рене Троказ.
На средбата, се разговараше за важноста од продолжување на европскиот пат на Република Северна Македонија во пресрет на формирањето на новата Влада. Троказ ја истакна натамошната француска поддршка на европската интеграција на Северна Македонија во ЕУ, и повика на почитување на меѓународно преземените договори од сите политички чинители.  
Премиерот Џафери изрази надеж дека земјата ќе ги заокружи неопходните чекори за продолжување на европската агенда. Во таа насока, ја сподели загриженоста од непочитувањето на уставното име од страна на новоизбраната претседателка на државата и повика на почитување на Меморандумот потпишан пред изборите од страна на политичките партии во поглед на предусловите за нашето интегрирање во Европската Унија.
Премиерот Џафери нагласи дека, за него не е приоритет кој ќе ја сочинува новата Влада, туку исполнувањето на европската агенда. Тоа е патот на иднината и на просперитетот за кој тој ќе продолжи да работи во кое било својство или функција.
16.05.2024 - 13:44

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега