Според Календарот на МПЦ: Утре се празнуваат овие светители

Според Календарот на МПЦ утре се празнуваат овие светители:

Светиот маченик Созонт

Родум од Ликаонија. Беше овчар, а во с ? го држеше Божјиот зкаон и ги поучуваше своите врсници и другари во благочестието. Според некое видение дозна дека ќе треба маченички да пострада за Христа. Во тоа време имаше големо гонење на христијаните во блискиот град Помпеопол од страна на некој Максимијан, хегемон киликиски. А во градот имаше некој златен идол на кого незнабожците му се поклонуваа. Созонт ги остави своите овци, отиде во градот, влезе во незнабожечкиот храм, му ја скрши раката на златниот идол, ја раздроби и им ја раздаде на сиромасите. Заради тоа во градот настана голема тревога и незнабожците почнаа да го бараат виновникот. За да не пострада некој друг заради неговото дело, Созонт се упати кај хегемонот и се пријави себеси како христијанин и извршител на она дело. Мачителите најпрво го тепаа, а потоа го обесија на дрво и го стружеа со железни четки, а кога беше веќе на умирање го ставија на оган, каде што Свети Созонт Му ја предаде својата душа на Бога. Пострада околу 304 година. Неговите мошти чудодејствуваа и над нив беше подигнат храм посветен на светителот.

Тропар
Поучувајќи се во Законот Господов ден и ноќ, гледајќи дека овците бесловесни го бараат пастирот свој, ти Созонте мачениче, пред нозе Христови припадна. Идолското служење посрамувајќи го околу себе, вера цврста во народот изгради, затоа Бог во својата свита те приведе, о мачениче, наш застапник остани, пред Христа Бога во вечни векови.

Светите апостоли Евод и Онисифор

Овие беа апостоли од Седумдесеттемина. Евод го спомнува Свети Игнатиј во своето Послание до Антиохијците со голема пофалба. Евод му беше ученик на Светиот апостол Петар и негов наследник во чинот епископ Антиохиски. Тој напиша дело за Пресвета Богородица, во кое изложува како Светата Дева е воведена на Нејзината тригодишна возраст во храмот; како остана во храмот единаесет години; како кога влезе во петнаесеттата година му беше предадена на Свети Јосиф за да ја чува и како во петнаесеттата година Го роди Господ. Напиша и едно друго дело, под наслов „Светило“. Но обете овие дела во времето на гонењето на христијаните беа упропастени. Убиен е за Христа во времето на бавењето на царот Веспазијан во Антиохија. Светиот апостол Павле го спомнува Свети Онисифор како свој искрен пријател и помошник (2 Тимотеј 1, 16 -18). Пострада за Христа во Колофон, каде што беше епископ. Велат дека го врзале за коњи и така го растргнале. Овие верни Христови војници чесно пострадаа и се преселија во радоста на својот Господ.

Светиот маченик Евпсихиј

Син на сенаторот Дионисиј. Жестоко мачен за Христа, со биење и стружење, па потоа полумртов фрлен во затвор. Му се јави ангел Божји и го исцели. Пуштен од затвор, тој го радздаде сиот свој имот: нешто на сиромасите, а нешто на своите клеветници. Повторно го фатија и го стружеа додека не ја предаде својата душа на Господ. Од неговите рани наместо крв потече млеко и вода. Пострада во времето на царот Адријан.

Тропар
Силата од Бога подарена благодатна, денес ја измолуваме, Евпсихие, свет мачениче, за поткрепа да биде во утврдување на верата наша Православна: да простуваме, непријатели да возљубиме и на Господа да се надеваме, како што ти во целиот земен живот тоа го сведочеше. Затоа, сега радувај се во Царството на мирот Божји.

Свети Јован, архиепископ Новгородски

Беше најпрво свештеник, а потоа, од 1162 година, епископ во Новгород. За време на својот живот изгради седум цркви. Имаше видение на Пресвета Богородица и необична сила над демоните, коишто дури ги принудуваше и да му служат. Чудесно го сочува Новгород од нападот на седумдесет и двајца кнезови. Страдаше од искушенијата ѓаволски, но со силата на крстот и молитвата сите ги совлада. На старост се повлече во манастир, прими схима и мирно се упокои во Господ на 7 септември, 1185 година.

Тропар
Небесата ја возвестуваат славата Божја, а ти Јоване, пријател Негов постана облагодатен, заштитен од наметката на Пречистата, Која молитвите твои ги услиша и сила измоли од Синот Свој, да нагазуваш на змии и скорпии. Радувај се, преподобен подвижниче, и за нас сега моли се, неокајаните.

Преподобна Касијана Песнописателка

Преподобна Касијана Песнописателка, наречена и Цариградска, се родила помеѓу 805 и 810 година во Цариград. Имала благородно потекло и многу била образована, исполнета со добродетели. Света Касијана се одликувала како со телесна убавина, така и со голема мудрост. Во 834 година основала општожитие западно од Цариград, близу до ѕидините на градот, и станала негова прва игуменија. Оваа голема творителка и песнописателка на нашата црква, светата Касијана, патувала во Италија и Крит, и на крај на островот Касос, каде го завршила својот овоземен живот. По нејзиното упокојување, нејзиното тело било ставено во мермерен кивот и поставено во црква посветена на неа. Подоцна, според некои извори, нејзините мошти биле пренесени на Икарија. И покрај тоа што нејзиниот спомен не го наведува ниту еден Синаксар, Касијаните, од сродството на нејзиното име со нивниот остров, го посветиле 7/20 септември како ден за нејзин спомен, а Георгиј Сасос Касијанин напишал и посебна служба, објавена во Александрија во 1889 година.

Тропар
Преподобниот живот твој излезе пред Господа, о Касијано мајко наша, која славословие од срце и душа изведе, со благодат Христова обвиена велелепие подари на Црквата преку Слово кое не потемнува, туку на небеса се возведува во слава Негова и небесна свита. Спомни си сега, блажена, за оние кои чест на ликот твој покажуваат и Бога Го прославуваат.

19.09.2022 - 22:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега