Снајперските тимови на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ остварија значаен успех на престижниот меѓународен натпревар во снајперско гаѓање „БОРАН 8“, кој се одржа во Република Турција.

Припадниците на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“ освоија деветто место на меѓународен натпревар на кој учествувале 48 тимови од 22 држави, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Македонскиот тим се натпреварувал со специјализирани единици од повеќе земји, при што првите седум места ги освоиле тимови од Турција, додека осмото место му припаднало на тим од Азербејџан.

Особено добар резултат припадниците на „Тигар“ постигнале во дисциплината пиштолско гаѓање, каде што освоиле вкупно 2.098 поени. Според податоците од натпреварувањето, просекот во оваа дисциплина изнесувал 1.173 поени.

Покрај резултатот во генералниот пласман, македонските специјалци добиле признание и за професионалниот однос и спортскиот дух, пласирајќи се меѓу трите најдобри тимови во категоријата „фер-плеј“.

Од МВР посочуваат дека со своето учество и постигнатите резултати, припадниците на единицата „Тигар“ ја претставиле Македонија на меѓународната сцена, покажувајќи ги своите вештини, подготвеност и професионалност.

Exit mobile version