Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната собраниска седница за пратенички прашања упати две прашања до министерот за животна средина и просторно планирање, Мухамед Хоџа, кои се однесуваат на доцнењето на изградбата на регионалната санитарна депонија за Североисточниот регион и проблемите со ископот на песок во кумановското село Шупли Камен.
Во однос на депонијата „Краста“, Спасовски истакна дека неодржувањето и честите пожари директно ги загрозуваат здравјето и животот на над 900 жители од блиските населени места Пчиња, Студена Бара, Вакав и Винце. Тој посочи дека локалната власт во Куманово ја префрла одговорноста и побара прецизен одговор до каде е тендерската постапка започната во декември 2025 година.
„Во јуни 2026 година има објавен податок дека сè уште не се извршени евалуациите на резултатите од тендерот, односно од постапката за явна набавка. Значи, тоа се повеќе од седум месеци. Беше најавено во јуни дека до крајот на летото ќе започне изградбата на депонијата, а досега немаме никаква информација. Дали Министерството ја има завршено постапката и кој е изведувачот?“, праша Спасовски.
Второто прашање на Спасовски беше поврзано со ископот на песок преку уредување на речното корито во селото Шупли Камен, каде што жителите одржаа и протести поради нарушување на животната средина и пресушување на бунарите.
„Со ископот и вдлабнувањето на речното корито се повлекуваат и подземните води. Многу од бунарите во ова село се веќе пресушени, а на минимум е сведена и каптажата којашто го снабдува селото со вода. Ме интересира дали имаме извештај од извршениот увид од страна на Инспекторатот за заштита на животната средина, кои се заклучоците и дали навистина се исполнети условите за уредување на речното корито без да се загрозува животната средина“, истакна Спасовски.

