Во Скопје денеска се спроведе масовна еко-акција за расчистување на градот, во која учествуваа градоначалници, волонтери, млади и граѓани, како и советници од опозицијата. Информацијата ја објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, кој упати благодарност до сите учесници.
„Денес, илјадници луѓе повторно ја претворија љубовта кон Скопје во дело. Со засукани ракави и со искрена желба да придонесат, покажаа дека чист и уреден град се создава со труд, со одговорност и со заедништво! Заедно со моите колеги градоначалници, младите и волонтерите, ја продолживме големата акција за расчистување на нашиот заеднички дом. Посебна благодарност упатувам до советниците од опозицијата кои се придружија на акцијата. Скопје е дом на сите нас, а грижата за него треба да нè обединува“, истакна Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека целта на овие акции е создавање подобри и посвежи услови за живот на најмладите.
„Зад секое исчистено катче има нешто многу поважно од убавата слика – поздраво место за живеење, побезбеден простор за детска игра и маало во кое е убаво да се расте. Нашите деца заслужуваат зеленило, чисти паркови и уредени населби. Заслужуваат и возрасни од кои ќе научат дека својот град се сака и се чува секој ден!“, порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски упати и предупредување до сите кои несовесно го фрлаат отпадот и порача дека трудот на граѓаните мора да се почитува.
„До сите што несовесно фрлаат отпад имам јасна порака: ПОЧИТУВАЈТЕ ГО ТРУДОТ НА ВАШИТЕ СОГРАЃАНИ! Некој денес одвои од своето време, се наведна и го собра она што друг го фрлил. Вложи сила и труд за сите да живееме поубаво. Никој нема право со својата неодговорност да го погазува тој придонес!“, изјави тој.
Акцијата за чистење ќе продолжи да се организира редовно двапати месечно, а истовремено се инвестира и во подобрување на комуналните капацитети.
„Ние продолжуваме со истата решителност! Овие акции ги организираме двапати месечно, за заедничкиот труд да прерасне во трајна навика, а грижата за Скопје да стане дел од нашето секојдневие. Ги повикувам сите сограѓани да почнеме од својот праг, од својата улица, од паркот во кој ги носиме децата. Дополнително, во употреба е пуштена и новата механизација, а низ Скопје веќе се поставуваат и новите 3.300 контејнери. Со ова ги зајакнуваме капацитетите за побрзо и поефикасно собирање и транспортирање на отпадот“, заклучи Ѓорѓиевски.

