Спасовски: Основата на истрагата не може да биде од „рекла-казала муабети“

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, на денешната прес-конференција сподели детали во врска со истрагата, во која беа уапсени тројца службеници на МВР и петмина царинци. Тој кажа дека основата на истрагата не може да биде од „рекла-казала муабети“, додека политичка партија одржувала и прес-конференции за да шпекулира и да ја уништи истрагата.

„Прес-конференциите и шпекулациите од политичка партија имаше за цел да ја уништи оваа истрага. Основата не може да биде рекла-казала муабети, а истрагата не може да се темели во шпекулации. Во повеќе наврати сум споменал дека пред изнесување на информации од истрагата, кои се базираат на шпекулации, штетат на истрагата. Паралелна истрага од аматери им помага на криминалците да се извлечат, затоа ги прави соучесништво во делото. Во неколку наврати МВР испрати до ОЈО известување за овие активности и очекувам да се бара одговорност за ваквите постапки“, кажа Спасовски.

Со фактура за мобилна галантерија во Македонија биле внесени таблети кои не се регистрирани во Агенцијата за лекови. Полициски службеници асистирале, а еден од нив, имал и задача да биде чистач на патот за да се пренесе стоката. Самиот влез на овие таблети е кривично дело“, изјави Спасовски.

За сите царински службеници има докази дека се инволвирани во внесот на овие таблети, кои во документите биле пишани како мобилна галантерија.

„МВР заедно со австриската полиција во Виена запре огромна пратка од 2,2 тони, ист тип на медикаменти, кои се прекурсори, а крајна дестинација требало да е во Скопје“, додаде Спасовски.

Дополнително, уапсените се на возраст од 35 до 55 години. 

23.12.2021 - 11:57

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега