Во Собранието денеска се закажани седници на три комисии на кои ќе се разгледуваат законски измени од областа на животната средина и административната служба.

Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање ќе расправа за измените и дополнувањата на Законот за животната средина, во второ читање. Предложените законски измени имаат за цел усогласување со европската директива за оценување на влијанието на јавните и приватните проекти врз животната средина, со што треба да се подобрат постапките за заштита на природата и одржливото користење на ресурсите. За предлогот се поднесени осум амандмани од пратеникот на Левица, Сашко Јанчев.

На дневен ред на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе се најдат измените на Законот за административни службеници, кои се предлагаат по скратена постапка. Со нив се предвидува појасно уредување на статусот на службениците во Собранието и регулаторните тела, како и укинување на можноста за унапредување без објавување интерен оглас, со цел да се обезбедат еднакви услови и примена на мерит-системот.

Предложените измени предвидуваат и престанок на работниот однос по сила на закон за административните службеници кои две години последователно ќе добијат оценка „1 – не задоволува“. Се уредуваат и прашањата поврзани со дисциплинската и материјалната одговорност, платите, роковите и постапките за одлучување, како и усогласувањето со Законот за високи раководители и Законот за Собранието.

За овие измени се поднесени три амандмани – два од пратеничката на НСДП, Соња Мираковска, и еден од пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.

Истиот предлог-закон ќе биде разгледан и од Законодавно-правната комисија, која исто така има закажано седница за денеска.

Exit mobile version