Русија во текот на ноќта беше изложена на еден од најголемите напади со беспилотни летала, а според податоците од руското Министерство за одбрана, системите за воздушна одбрана пресретнале и уништиле вкупно 604 украински дронови над повеќе региони.
Операцијата траела 12 часа, од 20 часот во понеделник до 8 часот наутро во вторник по московско време. Од руското Министерство за одбрана преку соопштение нагласија:
– Во текот на ноќта од синоќа, од 20 часот од 12 октомври до 8 часот наутро по московско време на 13 октомври, силите за воздушна одбрана пресретнаа и уништија 604 украински беспилотни летала – се вели во соопштението.
Посебно интензивни напади беа забележани кон главниот град. Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, објави дека дури 417 дронови летале во правец на Московскиот регион, при што повеќето биле неутрализирани на поголеми растојанија, а 65 биле уништени на приодите кон Москва. Собјанин на платформата Max напиша:
– Помеѓу 20:30 часот на 12 октомври и 7 часот наутро на 13 октомври, 417 дронови летале кон Московскиот регион. Повеќето биле неутрализирани од силите за воздушна одбрана на поголеми растојанија, а 65 дронови биле уништени на приодите кон Москва.
Пресретнувања се пријавени и во граничните, централните и јужните руски региони, како и над водите на Азовското Море. Засега нема независна потврда за податоците, а украинската страна сè уште не ги коментира овие наводи.


