Досегашниот заменик-министер за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, е избран за нов министер во овој ресор на 112. седница на Собранието, посветена на реконструкцијата на Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски.

Велковски, кој доаѓа од редовите на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, ја презема функцијата од досегашниот министер Фатмир Лимани, кој претходно беше разрешен.

Од јули 2024 до јули 2026 година Велковски ја извршуваше функцијата заменик-министер за социјална политика, демографија и млади. Претходно, од јануари до мај 2024 година, беше министер за труд и социјална политика во техничката влада.

Во својата професионална кариера, Велковски бил раководител на Секторот за поддршка на градоначалник и јавни дејности во Општина Гази Баба, секретар на Град Скопје, како и кабинетски службеник во Министерството за труд и социјална политика во областа на трудовото право и правата од Законот за работни односи.

Исто така, бил посебен советник за прашања поврзани со хумана популациона политика во кабинетот на дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика, раководител на Одделението за внатрешна ревизија во МТСП, соработник за јавни набавки во секторот за финансиски прашања во Министерството, како и внатрешен ревизор – соработник во Град Скопје.

Велковски е дипломиран економист на Катедрата за надворешна трговија при Економскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Exit mobile version