На Титов плоштад во Велење, Словенија, синоќа беше сериозно оштетен споменикот на Јосип Броз-Тито, откако непознат сторител ја отстранил главата од скулптурата. Полицијата брзо реагирала и го привела 49-годишниот осомничен, а бронзената глава, која е дел од повеќе од шест метри висока скулптура, била пронајдена во багажникот на неговиот автомобил. Локалните власти остро го осудија нападот.

Според словенечките медиуми, жител на Велење пријавил дека видел човек како товари голем метален предмет во темен автомобил „Шкода Кодијак“ во близина на локалното музичко училиште. Набрзо потоа, полициска патрола што го надгледувала сообраќајот го запрела 49-годишниот возач кој одговарал на описот. Возилото имало две различни хрватски регистарски таблички.

По прегледот, полицијата утврдила дека мажот, жител на областа Велење, во багажникот ја сокрил бронзената глава од споменикот на Јосип Броз-Тито.

Полициската управа во Целје го квалификува случајот како „чин на сквернавење на културното и историското наследство“. Истрагата продолжува, а полицијата собира дополнителни информации во насока на кривично дело – оштетување или уништување предмети од посебно културно значење или природна вредност.

Exit mobile version