Денеска се одржа координативен состанок меѓу скопските градоначалници и Кризниот штаб на Град Скопје, на кој беа сумирани штетите од силното невреме што го зафати главниот град.
На состанокот беше констатирано дека орканскиот ветер со удари до 130 километри на час предизвика паднати дрвја, оштетени возила, покриви, фасади, електрични водови и приватен имот.
Скопските општини веќе формираат комисии пред кои граѓаните ќе можат директно да ги пријават претрпените штети од невремето.
Во координација со Град Скопје ќе се врши стручна процена, по што ќе започне постапка за поддршка при санацијата на оштетените објекти за домување.
Истовремено, градежните и инспекторите за домување ќе извршат строги контроли на сите позиции со оштетени покривни конструкции, земајќи предвид дека нивното одржување е обврска на куќните совети.
За поддршка на засегнатите граѓани, Град Скопје ќе ги искористи и средствата обезбедени во сопствениот Солидарен фонд.
Орце Ѓорѓиевски упати благодарност до сите дежурни екипи на јавните претпријатија и Противпожарната бригада за брзата реакција на терен.
Екипите и инспекциските служби продолжуваат со непрекината работа на терен сè додека не се санираат сите последици и не се обезбеди целосна безбедност за скопјани.


