Зголемено ниво на арсен е утврдено во водата за пиење од градскиот водовод во Валандово, соопшти денеска ЈП „Комунален сервис“ – Валандово.
Како што информираат од јавното претпријатие, присуството на арсен е утврдено во резултатите од анализите извршени од Институтот за јавно здравје – Скопје.
Од „Комунален сервис“ препорачуваат водата од градскиот водовод во Валандово да не се користи за пиење сè до добивањето нови резултати со кои ќе се потврди нејзината исправност.
„Водата може да се користи исклучиво како техничка вода. ЈП „Комунален сервис“ – Валандово веќе ги презема сите потребни активности и врши дополнителни анализи и контроли на квалитетот на водата, во соработка со надлежните институции. За сите понатамошни резултати и препораки, јавноста ќе биде навремено известена“, се наведува во соопштението.
Од претпријатието апелираат до граѓаните да ги почитуваат препораките сè до добивањето официјално известување дека водата е безбедна за употреба.


