Индискиот духовен лидер и борец за независност од британскиот колонијализам, Махатма Ганди доби биста во Музејот на Град Скопје. На крајот од посетата на Скопје, претседателката на Индија Драупади Мурму рече дека во време на конфликти, нетолеранција и поделби, вербата на Ганди во дијалогот, сочувството и мирниот соживот останува актуелна и денес.
Македонската претседателка, Гордана Сиљановска Давкова, пак, говорејќи за неговото влијание врз светот и големите светски револуционери, рече дека и во процесот на осамостојување на Македонија можел да се почувствува гандизмот.
Бистата на Ганди во Скопје има посебна симболика, особено што тука е родена Св. Мајка Тереза, која најголемиот дел од својот живот работеше токму во Индија.
Индијската претседателка Мурму е тридневна посета на Македонија со голема бизнис делегација. Двете претседателки поставија амбициозна цел трговската размена меѓу двете држави да порасне од 133 на 500 милиони долари.
Индиските искуства во автомобилската индустрија, фармацевтската, традиционалната медицина, информатичките технологии, вештачката интелигенција, дигиталната трансформација, научните истражувања се само дел од секторите преку кои ќе се јакне соработката.


