Младите жители на Општина Центар и оваа година можат да добијат финансиска поддршка од 10.000 денари за обука и полагање возачки испит за Б-категорија. Мерката продолжува да се спроведува, а од почетокот на годината до крајот на октомври субвенцијата веќе ја искористиле вкупно 149 жители на општината, информираат од локалната самоуправа.
Градоначалникот Горан Герасимовски изрази задоволство од интересот што го покажуваат младите за оваа финансиска помош и ги повика сите што ги исполнуваат условите да ја искористат можноста и да поднесат барање.
„Ме радува што сè повеќе центарци ја користат оваа можност. Со субвенцијата од 10.000 денари помагаме на семејствата да ги намалат трошоците, а младите ги охрабруваме да станат одговорни и совесни возачи“, порача Герасимовски.
Право на финансиска поддршка имаат младите родени во 2006, 2007 и 2008 година.
Оваа година е воведена и една новина во постапката за исплата. Имено, средствата повеќе не мора да се уплатуваат исклучиво на трансакциската сметка на лицето што аплицира, туку субвенцијата може да биде исплатена и на сметката на неговиот родител.
За да ја добијат финансиската поддршка, заинтересираните треба да достават неколку документи: барање за субвенција, копија од лична карта, копија од трансакциска сметка, доказ за извршена уплата во автошкола, како и потврда дека автошколата во која се врши обуката е регистрирана на територијата на Општина Центар.
Барањата се поднесуваат во архивата на Општина Центар, во барака број 6. Приемот на документите се врши секој работен ден, во периодот од 09:00 до 15:00 часот.

