Синдикалците бараат минимална плата од 450 евра во првите 100 дена од новата влада
Синдикалците бараат минимална плата во износ од најмалку 450 евра, исплата на трошоците за храна во висина од 20 проценти од просечната плата и исплата на трошоците за превоз.
Тие порачаа дека после 8 мај, кој и да дојде во владата, треба да ги исполни нивните барања во првите 100 дена.
„Бараме најниската плата да биде иста како таа во регионот односно минимум 450 евра. Исто така, бараме враќање на загубеното право во 2009 година, додаток за храна и превоз“, рекоа од Синдикатот на работниците.
Оттаму порачаа дека бараат достоинствени плати за да не мора, како што рекоа, својата егзистенција да ја бараат во Хрватска, Црна Гора или други земји.
Синдикатите побараа и ограничување на работата на определено време во исклучителни околности и на максимум една година, право на неработна сабота и зголемена контрола на прекувремената работа, намалување на полното работно време на 35-часовна работна недела и укинување на 72-часовната работна недела на стратешките проекти.
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на денешниот протест порача дека работниците даваат црвен картон на Врховниот судот за неговата одлука да им биде одземен Работничкиот дом, појаснувајќи дека со тоа се направени обиди за притисок врз синдикатите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа