Силни критики од правната дела за Законот за рестриктивни мерки
Неспорна е потребата од сериозна расправа за изнаоѓање најсоодветни механизми за импликациите од правните акти на странски држави, што е и главен повод за измените и дополнувањата на Законот за рестриктивните мерки – заклучија по расправа во петокот што ја организираше Здружнието за кривично право и криминологија на Македонија, што се одржа денеска во Скопје.
Покрај еминентни членови на здружението на расправата присуствуваа и учествуваа претставници на МВР, на Управата за финансиско разузнавање, на Јавното обвинителство, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и судии и адвокати.
Иако поканети, не присуствуваа претставници од МНР, како предлагач на измените, ниту од Кабинетот на потпретседателот на Владата задолжен за политики на добро управувањe, како иницијатор на измените, ниту претставници од Министерството за правда.
Во заедничките заклучоци, кои беа донесени на крајот од расправата, се констатира дека:
„Поради повеќе аспекти и тоа: меѓународниот аспект (обврските преземени со меѓународните конвенции и членувањето на државата во меѓународни организации), регулативата на САД во однос на мерки за ограничување на лица поради сериозни кршења на човековите права и теторизмот, уставниот аспект (владеењето на правото, поделбата на власта, заштита на сопственоста и на другите права на граѓаните), кривично правниот аспект (опфатот на кривични дела), кривично процесниот аспект (овластувања за постапување на јавниот обвинител, изрекувањето привремени мерки кон имотот, обезбедување имот заради подоцнежна конфискација), како и аспекти на финансиско разузнавање, неопходно потребен е комплексен закон со кој ќе бидат опфатени сите аспекти и којшто ќе се вклопи во националниот правен систем и ќе биде во согласност со гаранциите што Уставот им ги гарантира на македонските граѓани. Само со ваквиот пристап ќе се овозможи импликациите од мерките да добијат национална основа, бидејќи за разлика од директната примена на конвенциите, странското право не може директно да се применува.
Сеопфатниот приод е неопходен за да се одбегнат можни негативни импликации коишто би се состоеле во покренување постапки за оцена на уставноста на законските решенија, апликации до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, поради повреда на гаранциите на правично судење и сл.
Предложените измени и дополнувања на Законот за рестриктивни мерки содржат погрешен концептуален пристап. Имено, мерките, како резултат на правни акти на меѓународните организации директно се применуваат, се однесуваат на тероризам и пролиферација и со оглед на тоа што државата се обврзала при членството во организациите, неспорна е надлежноста на Владата да донесува соодветни одлуки за постапување по таквите меѓународни правни акти. Правните акти донесени од странски држави не може директно да се применуваат. Владата нема надлежност да постапува, Владата не е надлежна да донесува мерки на забрана, финансиски мерки против домашни физички и правни лица. Ова е надлежност на судот и предложените измени и дополнуваат се генератор за активирање на уставните механизами за заштита. Едновремено се појавуваат многу дилеми во однос на механизамите за ефикасна имплементација на правните акти на странската држава, бидејќи доаѓа до допир на јурисдикции на различни држави.
Уставот ги гарантира слободите и правата на граѓаните, пропишува во кои случаи само со судска одлука определени права и слободи може да бидат ограничени, а поделбата на власта ја вбројува во рамките на темелните вредности на кои почива уставниот поредок.
Предложените измени излегуваат и надвор од рамките на правните акти на странските држави, каде што покрај тероризмот, повредата на човековите права и значителната корупција, опфатени се и кривични дела против службената положба, но и т.н. хибридни активности против државата. Се оценува дека е прешироко да бидат опфатени сите кривични дела против службената должност, а од друга страна сосема е нејасен и недефиниран поимот „хибридни активности против државата“ , којшто ниту е познат во домашното казнено законодавство, ниту постои како modus operandi на некои инкриминирано кривично дело, ниту е објаснет и дефиниран во предложените измени.
Мерките што имаат карактер на санкции, согласно толкувањето на Европскиот суд за човековите права, мора да се изрекуваат согласно домашното законодавство и да се обезбеди соодветна судска заштита.
Анализата на фактот што слични закони како The Global Magnitsky Act се донесени не само во САД, Обединетото Кралство и Северна Ирска, туку и во Канада, Австралија (каде што има голем број наши граѓани), но и во некои европски држави (како на пример, Чешка, Естонија, Литванија, Латвија и др.), останува отворено прашањето како ќе се адресираат правните акти што во овие држави би се однесувале на наши државјани.
Расправата доведе до заклучок дека станува збор за три аспекти што треба да се имаат предвид и коишто не може да се комбинираат туку треба да имаат автономно законско уредување:
– Правни акти на меѓународни организации за коишто Владата донесува одлука
– Донесување домашен т.н. Магнитски закон според кој домашните власти би донесувале правни акти за странски државјани
– Имплементирање на правните акти на странска држава во однос на домашни државјани.
Поради неприфатливиот концептуален пристап, не навлегувајќи во коментирање на конкретни одредби, беше укажано дека во предложените измени се забележуваат термини коишто стручно и терминолошки се несоодветни и не се користат во нашето законодавство, што може само дополнително да го отежни нивното правилно толкување и имплементирање.
Се нагласи недоволната издиференцираност помеѓу мерки и иницијативи, дали иницијативите се посебни мерки или се во рамките на финансиските мерки и дали за нововнесените правни акти може да се определат сите наведени рестриктивни мерки или само иницијативите.
Системот на реакција врз основа на донесените правни акти може да биде ефективен и според постојното законодавство. Во оваа смисла потребно е зајакнување на активностите на Координативното тело, потребно е претставникот од ЈОРСМ да го води Координативното тело и на тој начин да се обезбеди соодветна активност на јавното обвинителство во рамките на неговите пропишани надлежности. Ако отсуството на реакција се должи на недоволна координација, овој аспект треба да се зајакне и ефектите од правните акти да се инкорпорираат во домашната казнено правна рамка.“
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа