Сиљановска: Уставниот суд е најнереформираниот државен орган
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на тркалезната маса насловена како: „Дали ни е потребен Закон за Уставниот суд?“, организирана од Уставниот суд и ЕУ.
Во воведниот дел на тркалезната маса говореа претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, амбасадорот на ЕУ, Михаил Рокас, амбасадорката на Германија, Петра Дреклер и амбасадорката на САД, Анџела Агелер.
Наодите од анализата за тоа дали има или не потреба од донесување Закон за Уставен суд беа презентирани од проектниот тим, составен од Карстен Манке, раководител и Мартин Сопранов и Маргарита Цаца Николовска, правни експерти. Проектот е финансиран од Европската Унија.
Свои ставови презентираа судијките Татјана Васиќ-Бозаџиева и Ана Павлова Данева, како и универзитетските професори по уставно право: Рената Десковска- Тренеска, Тања Каракамишева-Јовановска, Јетон Шасивари и Денис Прешова.
Присутните го слушнаа и мислењето на невладиниот сектор, односно на претставниците на „Сите за правично судење" и „Млади правници".
Според претседателката, прашањето: „Дали е потребна реформа на македонското уставното судство?“ е вистинското прашање. Истакнувајќи дека Уставниот суд е најнереформираната институција, со оглед на неколкуте неуспешни обиди за уставни измени, претседателката укажа на неодржливоста на сегашното правно решение и упати на препораките на Венецијанската комисија за донесување Закон за Уставниот суд. Таа констатираше дека нашиот Уставен суд не успеа да прерасне во четврта власт, коректор на односите меѓу трите власти и заштитник на слободите и правата на граѓаните.
Сиљановска-Давкова укажа на важната улога во градењето уставна демократија на уставните судови на Германија, Франција, Шпанија, Португалија, Словенија и на Хрватска.
Таа се заложи за поширока надлежност на Уставниот суд: проширување на листата на заштитени слободи и права, оценка на меѓународните договори пред да бидат ратификувани од Собранието, давање финална оценка на изборите и референдумите, дислоцирање на автентичното толкување на законите од надлежност на Собранието во надлежност на Уставниот суд, воведување impeachment и за други носители на високи функции, конкретизирање на условите за „истакнат правник“ за да се оневозможи политизацијата и партизацијата, што доминирале во досегашното регрутирање на уставните судии.
Претседателката се вклучи во бурната дебата што следеше, застапувајќи и бранејќи го ставот за нужноста од уставни промени заради создавање уставен основ за донесување Закон за Уставен суд по примерот на најголемиот број развиени демократии, како и во духот на препораките на Венецијанската комисија и научната мисла.
Во продолжение е интегралниот говор на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова:
Добро ве најдов сите, пријатно се чувствувам особено што ги гледам моите колешки и колеги овде.
Ќе зборувам како професорка и веднаш ќе го проблематизирам насловот. Ни треба ли закон за Уставен суд? Езоповско е прашањето претпоставувам намерно. Инаку, можеби е нормативистичко, не велам Келзеновско иако ние секогаш кога предаваме за Уставниот суд се повикуваме на Ханс Келзен.
Значи, за мене прашањето е одамна решено, уште во далечната 2005 година кога се постави прашањето дали заедно со судските реформи, уставни, треба да посегнеме и по реформа на уставното судство. И меѓу нас, на кои им е живот правото, па и уставното судство имаше неподелен став, ги гледам тука двете мои колешки кои беа оние кои ја изработија работната верзија на промените, сум разговарала со нив, знам дека и тогаш им беше ставот дека се потребни. Интересно, но мислам дека отпорот оттогаш, па низа потоа години доаѓаше од самата институција. И мене тоа ми беше неразбирливо бидејќи очекував иницијативата за промени да дојде од куќата на Уставниот суд, ама таа не доаѓаше. Значи, ако тргнеме од анализата на улогата на Уставниот суд во демократизацијата, ќе заклучиме дека имало светли мигови меѓутоа, факт е дека Уставниот суд не ја одигра можната улога каква што одиграа многу уставни судови и во земјите со развиена демократија, Уставниот суд на Германија или Уставниот совет на Франција, како власт што е надвор од редовното судство, како четврта власт, како своевиден креатор на уставната демократија и затоа потоа во многу трудови, докторати, расправи ние ја истакнувавме оваа дилема, па дури мислам дека и на ниво на Европската Унија тезата дека па не во сите земји има уставни судови, па во поглавјето 23 нема анализа или нема посветеност на уставното судство, исто така, не држи.
Во земја која има долга традиција на уставно судство во далечната 63-та година, иако во еден сосема поинаков политички систем нели, во еден, во собраниски систем, а не во систем на поделба на власта, мислам дека Уставниот суд одамна требаше да се реформира. Второ, мило ми е што во домот на уставното судство се организира ваквата расправа, не мислам дека е случајно, туку е продолжение на неколкуте храбри одлуки и мене ме радува дека овој чекор покажува спремност, исто така, да се расправа критично и за најнереформираната институција, најнереформираниот државен орган како што го нарече во еден свој труд мојот колега Денис Прешова.
И тоа е навистина така. Значи после неколкуте неуспешни обиди 2005, понатаму во Венецијанска комисија бев во 2014 година кога дојдоа амандманите и морам да кажам дека за разлика од критиката кон некои други амандмани, моите колеги, да не го бројам составот, тука имаше исто така излагање, гледам во материјалите, професорката Јасна Омејес, ја поддржаа реформата на уставното судство, особено кога се зборува за Actio Popularis, односно за потребата од поголема заштита на човековите права, зошто мене и денеска не ми е јасно по кој критериум е направен изборот на оние права што ќе имаат уставно-правна заштита. Веројатно била некоја правно политичка импровизација.
Понатаму, и во стратегиите коишто ги гледавме и во онаа 2017 – 2022 година, исто така, беше многу жива дискусијата и заложбите за поголема заштита на слободите и правата односно за проширување на кругот, ама во финалната верзија некако, не знам, ја снема оваа дилема.
Понатаму, во 2024-2028 година, исто така, во стратегијата се заговараше, па и акционен план беше предвиден, значи тогаш се заговараше и посебен закон за Уставен суд и еве, овде сме. Значи, ако ме прашате мене, јас ќе ви кажам дека сум за, и тоа сум го зборувала и пишувала, дека сум за поширока надлежност на Уставниот суд. Поширока надлежност не може да се регулира со закон бидејќи дури и да носиме ние закон за Уставен суд треба да интервенираме во Уставот бидејќи можеме ние да го читаме како сакаме членот 113, меѓутоа јасно е таму дека акт за Уставниот суд, не значи закон бидејќи Уставен суд не може да донесе закон, закони носи Парламентот.
Впрочем, до 2024 година живеевме со деловник, тоа е за Уставниот суд. Значи, што мислам дека треба исто така да опфати една реформа по мене? Прво, да се прошири листата на заштитата на слободите и правата, не велам како Унгарија да одиме или како некои други држави да се повикуваме на Конвенцијата за човековите слободи и права, меѓутоа ни треба поширока заштита.
Понатаму, да, треба да прецизираме дека од моментот на потпишувањето на меѓународните договори до ратификацијата на меѓународните договори Уставниот суд би можело да реагира, да има надлежност. Ние во целата историја сме имале засега само една интервенција помеѓу народен, по закон за меѓународен договор, не по самиот меѓународен договор и мислам дека, апсолутно тоа не е, не е релевантно.
Понатаму, би сакала да се прошири надлежноста на, дури на финалниот збор да го има на изборите, на референдумите на пример, би сакала да го тргнеме од надлежноста на Собранието автентичното толкување на законите, бидејќи е остаток од комунизмот и доведува до директно кршење на уставноста и законитоста. Зошто? Со политички договор што се прави, се интерпретира, на нов начин, одредбата од законот, и така всушност ние правиме нешто што не смееме. Оваа надлежност треба да му припаѓа на Уставниот суд. Можеби треба да размислиме дали Импичментот каков што постои за шефот на државата, со право, треба да се прошири и на некои други високи носители на власта. Треба, исто така, наместо Уставниот суд само да кажува дека програмата на некоја партија, или на партијата е неуставна, исто така тоа да го спроведува, не тоа да го прави второстепен суд, редовен суд. Значи, ова се нешта што мене ми даваат за право, или ме водат кон заклучокот дека ни треба реформа на уставно судство. Е, сега тука можеме да го бираме моделот, некој ќе рече па Уставот ќе го смениме, ќе ги прошириме одредбите, да, ама ние имаме интересна историја со уставните измени, влегуваме со едни уставни измени, излегуваме со сосема други, што немаат понекогаш врска со предлогот за измена на Уставот. Затоа, велат Пандорина кутија е во прашање, повторно ќе се вратите на преамбулата, бидејќи нели, не она што е редок, редок, редок феномен во уставното право, да се менува преамбула, кај нас е чест феномен, па дури и за срам на уставното право и на правниците, тоа е направено на невозможен начин.
Замислете преамбулата е сменета како да е дел од нормативниот текст, наместо целата промена да се напише бидејќи тоа е метафизичка приказна, таа е, се менува тоа и тоа, по зборот тој и тој, признавам не разбирам како гласи преамбулата. Ете тоа е парадоксот. И примерот со Индија, сега разговарав со еден индиски професор, примерот со Индија и со измената, па потоа одлуката на нивниот Врховен суд, мислам дека е релевантен да ме потсети.
Понатаму, реков дека во годишните извештаи на ЕУ, тие што бев 4 години во Собрание, не видов никаков осврт на Уставниот суд, ама затоа видов, ќе речете дека сум цинична, да, затоа видов и во минатиот извештај 2024-та ама замислете и во 2025-та дека при инаугурацијата не сум го употребила уставното име. Значи јас не сум инаугурирана во 2025, во 2024. Е, тоа е важен елемент на извештајот многу интересен феномен, морам да кажам. Значи, реформите не ги правиме заради ЕУ, ова го зборувам заради коментар на една забелешка, реформите ги правиме заради ЕУ демократските стандарди и принципи, заради ЕУ филозофијата, ама најмногу заради македонската демократија. Значи, во функција на rule of law и затоа велам јас, мојот идол во уставното право, за жал почината, Lidija Basta Fleiner и Thomas ја напишаа брилијантната книга „Уставна демократија“ и ден денеска неверојатно инспиративна. Значи, од 63-та и во 63-та и во 74-та година, покрај уставните одредби имало и Закон за Уставен суд. Значи ние имаме една и ако сакате, правна традиција и мислам дека таа правна традиција нè охрабрува. При крајот сум, ме боли, тешко ми е, но денеска сум посреќна кога гледам дека, на некој начин пробива, не знам дали сè уште е така, општоприфатениот став во науката дека ни е потребен похрабар однос кон, активниот, кон Уставниот суд за да може тој да биде похрабар во односот кон трите власти, а исто така и похрабар во заштитата на човековите слободи и права. Toa е она што сакам да го потенцирам и сакам на крајот да кажам дека идеја имав да направам, првата работа да ми биде да составам една група од конституционалисти, зборувам од коституционалисти кои што ќе направат, ќе почнат да работат на нов Устав, меѓутоа ви кажувам зошто не го правам тоа, од стравот дека нема да се концентрираме на стандардните решенија, на пристојните, на досадните решенија, коишто ги среќаваме во сите европски устави, а не да градиме ние „Sui Generis“ решенија и оригинална демократија.
Во демократија треба да се биде стандарден, не треба да се биде оригинерен и оригинален. Значи, ако сакаме темелна реформа на уставното судство, тогаш ни треба радикален пристап. Јас претпоставувам дека ова решение од 2024 година е обид да се надминат, или, како да се, привремено да се менаџираат проблемите со кои се соочил Уставниот суд, оти мене ми е јасно дека независноста не е уставна апстракција, не е, независноста треба да биде поткрепена со финансиска независност, со функционална независност, со можност за постапување токму во рамките на вака утврдените начела и дека затоа се посегнало, но знам дека ние ги учиме студентите - прашањата од материјален карактер може да се решат само со закон и со устав. Не може да се решаваат со подзаконски акти, тоа е нешто што сите знаеме. И заборавив, мораме да го конкретизираме статусот, квалификацијата истакнат правник. Ова што ни се случуваше во уставното судство сиве овие години не е толку резултат на недостиг на доволно одредби во Уставот, туку е резултат на партизацијата и политизацијата.
Во Уставниот суд поминаа многу, многу фигури, кои не би можело да седат, и не би требало да седат, извинете ме, ама, како професорка зборувам, во Уставниот суд, чест на исклучоците. Тогаш ние ќе имаме уставно судство кое ќе служи на уставната демократија. Значи не можеме прашања како имунитет, дејство на закони Ex tunc - Ex nunc, финансиска независност, функционална, не можеме во подзаконски акт, јас знам дека вие сте морале тоа да го правите, меѓутоа мислам дека ни е потребно, ни е потребна похрабра одлука. Значи, прашањето дали треба закон е одамна решено. Се разбира, може тука да разговараме дали можеби стапицата да потргнеме со едни измени а добиеме со други, може да се реши со некаков Закон за Уставен суд, не знам иако досега ние во поновава историја имаме само закони за, уставните закони се закони за спроведување на уставните измени односно амандмани.
За последната реченица ми е, нашиот Устав важи за цврст Устав, но јас кога се гледам со колегите особено со нашиот колега, не знам Рената дали го сретнала, значи англиски колега авторот на „The changing constitution”, Џефри Џоуел, велам Џефри, не е вашиот, англискиот устав во материјална смисла The changing constitution, нашиот е за 30 години 36 амандмани и морам да ги квалификувам најчесто тие амандмани се imposed значи наметнати амандмани, така што нема да се шокирам ако еден ден во преамбулата напишеме: ние граѓаните, ние граѓаните и ние граѓаните и меѓународната заедница.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа