Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими членови на Иницијативниот одбор за именување на големата концертна сала во Македонската филхармонија со името „Маестро Ванчо Чавдарски“.
За членовите на одборот, именувањето е заслужено признание за исклучителниот придонес на диригентот Ванчо Чавдарски во развојот и афирмацијата не само на македонската музичка култура, туку и на светската, со оглед на неговото диригирање со познати оркестри во реномирани концертни сали.
Реализацијата на идејата, сметаат ценетите уметници, ќе биде чин на национална грижа за ликот и делото на Чавдарски, во кого гледаат голем културен македонски амбасадор и врвен музички профил.
Во својата аргументација, тие се повикуваат на слични компаративни примери и искуства во регионот, но и пошироко.
Сиљановска-Давкова изрази разбирање за иницијативата, низ призма на потребата од почитување и негување на националното и светско музичко културно наследство, како и почитта кон уметничките великани, со неспорен и препознатлив музички придонес, којшто инспирирал многу генерации диригенти.
Иницијативниот одбор е составен од познати уметници, музички педагози, академици, универзитетски професори, културни работници и јавни дејци, кои со своето професионално и општествено ангажирање придонесуваат за зачувување и афирмација на македонската културна традиција и вредности.

