Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека прашањето околу евроинтеграциите на Македонија и условувањата поврзани со Бугарија не може да се квалификува ниту исклучиво како билатерално прашање, ниту само како проблем меѓу земјава и Европската Унија.
Во интервју за телевизија Сител, Сиљановска-Давкова се осврна на неодамнешната средба со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и на можноста ЕУ да посредува во разговорите со Бугарија.
Во однос на пораките од Брисел за продолжување на разговорите со Софија, таа потсети дека претходно се поставувало прашањето дали спорот е билатерален или станува збор за прашање во рамки на односите со ЕУ.
– Кога ние велевме дека прашањето по природа е билатерално, бидејќи ниту во Акцискиот план, ниту претходно, нема забелешки од другите држави, никоја не се заканува со вето, напротив, се истакнува потребата од merit system во евалуацијата… Бугарија велеше дека прашањето не е билатерално, туку дека ние имаме работа со Европската Унија. Многупати сум велела дека ако е така, тогаш оставете нè да преговараме со Европската Унија – рече Сиљановска-Давкова.
Според неа, во такви ситуации постојат механизми во европското право, вклучително и членот 7 од Договорот за Европската Унија, кој предвидува можност за ограничување на одредени права на земја-членка доколку се утврди сериозно прекршување на принципите и вредностите на Унијата.
Сепак, претседателката нагласи дека потребен е дијалог и размена на ставови, но оти не може да се оквалификува проблемот или процесот и како билатерален исклучиво, или како проблем што го имаме со Европската Унија.


