Претседателката, д-р Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на посетата на Република Словенија, одржа предавање на Правниот факултет при Универзитетот во Љубљана, на тема: „Уставните трансформации на патот кон ЕУ: реформи или уставен инженеринг?“. Пред бројни професори, студенти и претставници на дипломатскиот кор, таа стави акцент на македонскиот устав и неговите 36 амандмани донесени од 1992 година до денес.
Претседателката посочи дека надворешните влијанија врз највисокиот правен акт сериозно го нарушиле неговиот суштински развојен карактер.
„нашиот устав, иако формално-правно се вбројува во цврстите устави, често се менуваше, а промените најчесто беа диктирани однадвор, а не се креирани одвнатре, добивајќи карактер на уставен инжењеринг, а не на реформски процес во интерес на граѓаните.“
Како посебен проблем за функционирањето на демократскиот систем, таа ги посочи последиците врз самите институции кои произлегуваат од ваквите специфични решенија.
„“sui generis” уставните решенија ги слабеат институциите, граѓанинот и граѓанското општество, а ги јакнеат етничките водачи како арбитри во општеството.“
Сиљановска-Давкова се осврна и на евроинтегративниот процес, подвлекувајќи дека идентитетските препреки се во спротивност со европскиот конституционализам, поради што државата била туркана во ирационални историски ровови наместо во реформи. Таа ги повика сојузниците и меѓународната заедница на надминување на актуелната состојба преку правна и политичка интерпретација во духот на европското право, за да се излезе од процесот без нов уставен инженеринг и губење на енергијата на политичка ревизија на историјата, наместо на Копенхашки реформи.


