Постојат два патишта што Соединетите Американски Држави можат да ги следат кога станува збор за Иран, изјави денес американскиот потпретседател Џ.Д. Венс. На прес-конференцијата во Белата куќа, тој појасни дека првата опција подразбира дипломатски притисок, додека втората алтернатива значи директна обнова на воените дејствија.
Венс истакна дека американскиот претседател Доналд Трамп побарал од својот тим „агресивно да преговара“ со иранската страна, но изрази и оптимизам за моменталниот развој на дијалогот.
„Кога станува збор за клучното прашање, дека Иран нема нуклеарно оружје, мислам дека постигнавме голем напредок и мислам дека Иранците сакаат да постигнат договор“, рече Венс на прес-конференцијата во Белата куќа.
Според него, ако првата опција е преговори, втората е рестартирање на воените операции. Со ова Вашингтон уште еднаш јасно стави до знаење дека дипломатијата останува примарен избор, но само доколку Техеран покаже подготвеност за исполнување на клучните барања поврзани со нуклеарната програма.


