Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска изјави дека можеби ќе биде неопходно неговата земја повторно воено да го нападне Иран. Пред новинарите во Белата куќа, тој јасно стави до знаење дека неговата администрација има ограничено трпение во однос на развојот на преговорите за нуклеарната програма на Техеран и дека воената опција е веќе подготвена.
Американскиот претседател откри дека воената акција била на чекор од реализација, но уверуваше дека другата страна е под силен притисок за договор.
„Бев на само еден час од одлуката да наредам нови напади, но на крајот решив да ја одложам акцијата“, откри денеска Трамп.
Тој јасно стави до знаење дека сепак може да издаде наредба за напад во следните неколку денови доколку не се постигне конечен договор, прецизирајќи ги и можните временски рамки.
„Имам предвид кус период од два или три дена, можеби во петок, сабота, недела или на почетокот на следната недела. Рокот е ограничен бидејќи не можеме да им дозволиме на Иранците да поседуваат ново нуклеарно оружје“, дециден е американскиот претседател.
Ваквата изјава од Белата куќа доаѓа откако претходно денеска Иран се закани со „отворање нови фронтови“ доколку САД ги обноват воените напади по прекинот на огнот кој стапи во сила минатиот месец. Од друга страна, Катар коментираше дека на преговорите меѓу Вашингтон и Техеран им е потребно повеќе време. Сепак, Трамп пред новинарите уверуваше дека Техеран „моли“ за постигнување договор.


