Сиљановска-Давкова го прими новиот италијански амбасадор

 


Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Италијанската Република, Паоло Палминтери.

На церемонијата на предавање на акредитивите, претседателката Сиљановска-Давкова изрази задоволство од успешниот развој на билатералните односи меѓу двете земји и од соработката во различни области од заемен интерес.

Претседателката ја истакна посебната улога и значењето на ангажманот на амбасадорот Палминтери во дополнително продлабочување на соработката како на билатерален, така и на мултилатерален план.

„Иако Италија е постојано  на листата на 10-те земји со кои имаме најголем обем на трговска размена, би сакала посебно да го потенцирам македонскиот интерес за намалување на нашиот трговски дефицит“, нагласи претседателката Сиљановска-Давкова.

Оддавајќи признание, Претседателката искажа благодарност за континуираната и принципиелна поддршка на Италијанската Република во нашата европска реинтеграција.

„Високо ја ценам големата и гласно изразената поддршка на Италија за нашето пристапување во НАТО, како и за полноправното членство во ЕУ. Верувам дека членството ќе отвори ново поглавје во нашата историја, ќе донесе нова енергија во нашето општество и ќе ја зацврсти европската идеја“, истакна Претседателката

Амбасадорот Палминтери во своето обраќање истакна дека Италија верува во меѓународната соработка и доследно го промовира мирот и меѓусебното разбирање меѓу нациите. За него, овие цели и вредности отсекогаш биле основа на италијанската политика кон Балканот. Тој додаде дека Италија го разбира и силно го поддржува стремежот на нашата држава да стане полноправен член на Европската Унија.

На церемонијата на предавање на акредитивите, тој потенцираше дека негова мисија во Скопје е да ги поддржува нашите европски аспирации и да придонесе во унапредувањето на внатрешните реформи и економскиот развој. Исто така, тој изрази увереност дека искреното и цврсто пријателство меѓу двете земји ќе придонесе за заедничката безбедност, политичката стабилност и економскиот раст. 

Претседателката Сиљановска-Давкова на амбасадорот му посака успешно извршување на дипломатската мисија и зајакнување на македонско-италијанските односи.

17.01.2025 - 16:00

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега