Close Menu
Press24
    Најново

    Сиљановска-Давкова: ЕУ да покаже политичка волја и да понуди решенија за деблокада на евроинтеграциите

    03.11.2026 во 20:36

    Вучиќ предупредува: Студентската листа сака да ги укине традиционалните вредности на Србија

    03.11.2026 во 20:10

    Забрзана постапка за нов претседател на ЕЦБ: Министрите за финансии во понеделник ги разгледуваат номинациите

    03.11.2026 во 20:01
    Facebook X (Twitter) Instagram
    • Сиљановска-Давкова: ЕУ да покаже политичка волја и да понуди решенија за деблокада на евроинтеграциите
    • Вучиќ предупредува: Студентската листа сака да ги укине традиционалните вредности на Србија
    • Забрзана постапка за нов претседател на ЕЦБ: Министрите за финансии во понеделник ги разгледуваат номинациите
    • Американците излегоа на гласачките места: Над 250 милиони граѓани со право на глас на меѓуизборите
    • Утре без вода и без струја ќе бидат следниве корисници
    • Мицкоски: Компанијата „Гересхајмер“ планира нова инвестиција во Македонија, најавени и три нови производни капацитети
    • „Црвен вторник“ во Париз: Студентите најавија масовни протести и блокади
    • Рама за протестите во Тирана: „Не сакаат разговор, бараат само да си заминам“
    • Најново
    • Популарно
    • Маркетинг
    • Импресум
    Facebook Instagram TikTok
    Press24Press24
    • Насловна
    • Македонија
      • Политика
      • Скопје
      • Црна хроника
    • Бизнис
    • Свет
      • Регион
    • Забава
    • Спорт
    • Технологија
    • Интервју
    Press24
    Home » Сиљановска-Давкова: ЕУ да покаже политичка волја и да понуди решенија за деблокада на евроинтеграциите

    Сиљановска-Давкова: ЕУ да покаже политичка волја и да понуди решенија за деблокада на евроинтеграциите

    03.11.2026 во 20:366 Mins Read
    Сподели
    Facebook Twitter WhatsApp

    Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова смета дека Европската Унија треба да покаже политичка волја и да понуди решенија за деблокирање на евроинтегративниот процес на земјава, наместо повторно да инсистира на исполнување на последното барање за уставни измени. Од Самитот за проширување во Брисел, претседателката на државата порача дека земјава е подготвена да преговара, но, вели, очекува и од ЕУ да преземе иницијатива, вклучително и преку дефинирање гаранции за условите под кои ќе продолжи процесот.

    Во гостувањето во емисијата „Тема на денот“ на Сител телевизија, Сиљановска-Давкова истакна дека земјава заслужува да биде меѓу предводниците во процесот на проширување, нагласувајќи ја силната определба на државата за европскиот пат, но, како што рече, по повеќекратните уставни промени и постојаните барања Македонија да покаже политичка волја, потребно е и од Европската Унија да се покаже подготвеност за изнаоѓање решение со Бугарија.

    – Веројатно сме држава која најмногупати била поттикнувана и охрабрувана да манифестира политичка волја за да го прифати последниот услов, под наводници, или последното барање. Сакав да упатам порака дека и Европската Унија треба да покаже политичка волја. Мислам дека нам ни е местото меѓу фронтранерите. Кога сака, Европската Унија може да биде многу креативна и да манифестира таква политичка волја – рече Сиљановска-Давкова.

    Унијата, вели, треба да ја охрабри земјава не само во спроведувањето на реформите, туку и во изнаоѓањето решение со соседна Бугарија. Сиљановска-Давкова оцени дека Македонија се наоѓа во парадоксална ситуација, бидејќи од една страна од Бугарија добива пораки дека прашањето е европско, а од друга страна од ЕУ се упатува на потребата од дијалог и преговори.

    Според неа, постојат различни можности за надминување на блокадата, меѓу кои и предлогот за одложено дејство, но и можноста Европскиот совет и Советот на Европа, во консултации со Европската комисија, да подготват објаснувачки одредби за принципите и обврските на Унијата.

    – Сакаме да знаеме под кои услови ќе продолжат работите понатаму. Можно е да се креираат објаснувачки одредби со кои ќе се даде одговор на прашањата што се најважни за Европската Унија – што значат еднаквоста, солидарноста, пристапот на добра волја и обврската на ЕУ да ги почитува уставните и политичките структури, како и културниот и националниот идентитет – рече Сиљановска-Давкова.

    Нагласи дека е важно реформите да продолжат паралелно со политичките напори за надминување на билатералниот спор, посочувајќи дека земјава треба да го искористи моментумот во спроведувањето на реформите и да не ја губи енергијата во прашања што тешко може самостојно да ги реши.

    Во однос на претстојниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјава, Сиљановска-Давкова рече дека сè уште не го видела документот, но дека констатациите, дијагнозите и препораките ќе бидат важни за утврдување на постигнатото и областите во кои се потребни дополнителни активности.

    Таа ги издвои владеењето на правото, борбата против корупцијата и функционирањето на институциите како области во кои земјава во минатото имала слабости, додавајќи дека е важно европеизацијата да се насочи кон функционална демократија, независни институции, економски развој и подобар квалитет на животот на граѓаните.

    Осврнувајќи се на случајот со Црна Гора и прашањата што таа треба да ги реши со Хрватска во процесот на пристапување кон ЕУ, Сиљановска-Давкова направи разлика во пристапот кон решавањето на билатералните спорови. Го поздрави ставот на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ дека постои простор за решавање на отворените прашања до 2028 година, оценувајќи дека за преговори се потребни две страни и подготвеност за дијалог.

    – Самото тоа што господинот Пленковиќ вели дека до 2028 година проблемот ќе се реши, отвора простор за решение. Сите знаеме дека тоа е вистинскиот пристап. Имаме забелешки, меѓутоа заедно ќе ги решиме. Во однос на нас, не сум слушнала такво поттикнување или такво охрабрување …  Логично е, 13 години по влегувањето на Хрватска во Европската Унија, да видиме дека вратите за Балканот се отвораат. Во таа смисла, се разбира дека и јас се радувам на напредокот на Црна Гора – рече Сиљановска-Давкова.

    Во врска со можноста за продолжување на разговорите со новоизбраната бугарска претседателка, таа најави дека ќе иницира средба и разговори за отворените прашања.

    Посочи дека и досега се обидувала да воспостави дијалог со добри намери, но дека проблемот е во тоа што Македонија од европските институции се упатува на разговори со соседот, додека од бугарска страна се испраќаат пораки дека прашањето треба да се решава со сите земји членки на Унијата.

    Сиљановска-Давкова се осврна и на Акцискиот план за малцинствата, кој, како што рече, е изработен со експерти на Советот на Европа и бил испратен на увид до соседна Бугарија. Претседателката на државата оцени дека земјава нема суштински проблем со Европската Унија, туку со соседот, иако во преговарачката рамка е вклучен услов што, според неа, не би требало да биде дел од неа.

    – Акцискиот план за малцинствата, е редок феномен да го работите со експерти на Советот на Европа, уште поредок феномен е да го испратите, наместо директно до Европската комисија, кај соседот на увид. Сите држави се задоволни од Акцискиот план за малцинствата, повторно само Бугарија не е. Не знам дали тоа е во духот на она што ЕУ го бара. Значи, ние немаме проблем со ЕУ во суштина, иако во преговарачката рамка е вклучен услов што никогаш не би смеел да се најде таму. Но, еве, влегол. Имаме проблем со нашиот сосед – оцени Сиљановска-Давкова.

    Во интервјуто беа отворени и политичките случувања во регионот, особено протестите во Албанија и промената на власта во Србија. Во однос на Србија, претседателката рече дека е рано за конечна оценка за идната надворешнополитичка ориентација на земјата, но дека станува збор за нов политички феномен, имајќи ја предвид појавата на студентски листи и политичките движења што не се засноваат на јасно препознатлива идеологија.

    Таа посочи дека во современата политика сè повеќе се забележува деидеологизација на партиите и дека за идните политички процеси клучни треба да бидат принципите на владеење на правото, поделбата на власта, независното судство и медиумите, силното граѓанско општество, економскиот просперитет и одговорноста на политичарите.

    Според Сиљановска-Давкова, ЕУ истовремено треба да се приспособува на новите геополитички предизвици и да го забрза процесот на проширување. Таа ја пренесе пораката на претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта дека проширувањето е геостратешка инвестиција и нагласи дека земјите кандидати треба да напредуваат во процесот на европеизација, додека Унијата треба да најде начини за нивно постепено интегрирање и зајакнување на заедничката отпорност

    Прочитај повеќе

    Утре без вода и без струја ќе бидат следниве корисници

    03.11.2026 во 19:11

    ОЈО: Уапсени седум лица и запленети 100 сервери во меѓународна операција против криминална мрежа

    03.11.2026 во 16:59
    Facebook X (Twitter) Instagram
    • Насловна
    • Најново
    • Импресум
    • Маркетинг
    Њу Медиа Комјуникејшн © 2010 | сите права заштитени

    Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.