Во неколку американски федерални држави утрово се отворија првите гласачки места за меѓуизборите за Конгресот, објави американската телевизиска мрежа Си-би-ес (CBS). Лично гласање е овозможено во Конектикат, Индијана, Кентаки, Мејн, Њу Хемпшир, Њу Џерси, Њујорк и во Вирџинија, додека во Вермонт гласањето започна уште порано, односно во 5 часот наутро по локално време.
Право на глас имаат речиси 250 милиони американски граѓани, а интерес е забележан и преку предвременото гласање, каде што својот глас веќе го дадоа над 58 милиони гласачи.
Покрај изборите за дел од составот на Конгресот, граѓаните ширум земјата избираат и гувернери во 36 федерални држави. Исто така, во повеќе држави се одржуваат вкупно 145 референдуми, на кои се одлучува за важни прашања, почнувајќи од правото на абортус па сè до реформата на данокот на доход.
Првите привремени резултати се очекува да бидат објавени веднаш штом ќе почнат да се затвораат гласачките места низ различните временски зони, додека официјалните резултати ќе бидат потврдени дополнително според законски утврдениот распоред во секоја сојузна држава.

