Земјотрес со интензитет од 4,1 степен според Рихтеровата скала ноќеска ја потресе Србија. Според податоците на Републичкиот сеизмолошки институт на Србија (РСЗС), потресот е регистриран во 2:35 часот по полноќ во близина на Бездан.

Како што соопшти РСЗС, интензитетот во епицентарот е проценет на шест степени од Меркалиевата скала. „Земјотресите со таа јачина можат да предизвикаат помали штети на зградите во епицентралното подрачје“, пренесува Радио-телевизија на Србија (РТС).

Епицентарот бил лоциран помеѓу Бездан и Бачки Моноштор, на самиот раб на резерватот „Горње Подунавље“. Потресот бил почувствуван во Сомбор, Апатин и Бездан, но и кај соседите во Хрватска и Унгарија. Граѓаните го опишуваат земјотресот како краткотраен, проследен со тресење и „тап удар“.

Само десет минути по главниот удар, во 2:45 часот, сеизмолозите регистрирале и втор, послаб земјотрес со магнитуда од 2,5 степени. Засега нема информации за посериозни материјални штети.

Exit mobile version