Здравствениот дом во Гостивар ги зголеми своите персонални капацитети со вработување на 18 нови лица. Во просториите на установата вчера беа врачени решенијата за вработување на 14 медицински лица, од кои шест се лекари и осум медицински сестри. Покрај медицинскиот кадар, тимот е засилен и со еден возач, еден општ работник, администратор и хигиеничар.
Директорот на установата, Вулнет Оломани, истакна дека овие нови вработувања се од клучно значење за ефикасноста и квалитетот на здравствените услуги во регионот.
„Ова е значаен чекор кон подобрување на работењето и пополнување на работните позиции за кои ни недостигаше персонал. Тоа секако ќе подобри ефикасноста и пружањето на услугите кои се под ингеренции на Здравствен дом“, изјави Оломани.
Првиот човек на установата најави дека и во текот на оваа година ќе бидат поднесени нови барања до Министерството за здравство за дополнителни вработувања, со оглед на тоа што домот покрива подрачје со над 100 илјади жители.
Освен кадровско зајакнување, Оломани најави и инфраструктурни промени. Летово е планирано да започне реконструкција на постојниот објект, како и негово проширување со надградба.
Во Здравствениот дом во Гостивар моментално работат близу 200 лица. Тие ги опслужуваат осигурениците од општините Гостивар и Врапчиште во рамките на Брзата помош, патронажната служба, вакцинацијата, детската стоматологија и лабораторијата.


