Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека случајот со семејното насилство, за кое е обвинет член на неговото пошироко обезбедување, е потврда дека системот функционира неселективно. Тој нагласи дека законите мора да се почитуваат од сите, без оглед на нивната позиција.
„Тоа е уште еден доказ дека законот важи подеднакво за сите, тука нема никаква дилема, така е и во овој случај. Тоа е втор случај за лице од моето обезбедување, каде што законот важи за сите, за разлика од минатото кога членови на обезбедување на претседателот тепаа граѓани, се изживуваа по дискотеки и минуваа неказнети“, изјави Мицкоски во Аеродром.
Премиерот појасни дека станува збор за припадник на т.н. „претходница“ и додаде дека има познанство со семејството на жртвата.
„Јас не толерирам недисциплина, не само во рамките на моето обезбедување. За волја на вистината, тој е припадник на претходницата, која не ја гледам така често и за волја на вистината сопругата е ќерка на мој колега од факултет“, додаде тој.
Случајот се однесува на полицискиот службеник Р.Р., кој беше лишен од слобода на 2 мај, откако неговата 37-годишна сопруга пријавила физички напад во семејниот дом. Според билтенот на МВР, освен физичкиот напад, биле упатени и закани, а оштетен бил и мобилен телефон.
Осомничениот веќе е отстранет од работното место, а одреден му е и осумдневен притвор.


