Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, денеска присуствуваше на почетокот на проектот за доградба на основното училиште „Гоце Делчев“ во општина Аеродром. Премиерот истакна дека овој проект е дел од континуираните заложби на Владата за подобрување на образовната инфраструктура и квалитетот на живот на граѓаните.
„Уште еден ден, уште еден нов проект, уште една нова доградба на училиште. Тоа е практично нашата инспирација овие речиси две години откако сме избрани како влада, што повеќе проекти, што повеќе додадена вредност во квалитетот на животот на граѓаните. Така и ќе продолжиме како Влада и да работиме“, изјави Мицкоски.
Тој изрази благодарност до градоначалникот, Советот на општината, Министерството за образование и пратениците за нивниот придонес во реализацијата на овие капитални инвестиции.
„Сите заедно допринесуваат да овие проекти се реализираат, за да можат, се разбира, нашите најмили дечињата да добијат соодветни услови за образование, за стекнување знаење, бидејќи тие се нашата иднина и тие се тие коишто треба утре да ја водат оваа наша заедничка Македонија“, потенцираше премиерот.
Мицкоски на крајот упати честитки до жителите на Аеродром и посака што побрзо завршување на градежните работи.


