Во средното училиште „Владо Тасевски“ во Скопје се воведува нова образовна квалификација – специјалист за мехатроника на камиони и тешки возила, а наставата ќе се реализира во соработка со шведската автомобилска компанија Волво Груп. На почетокот, квалификацијата ќе се нуди како неформално образование за возрасни, а се очекува следната година да стане дел од системот на формално стручно образование.
По овој повод денес училиштето го посетија министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, шведската министерка за европски прашања Џесика Розенкрац и повеќе претставници на Волво, шведската амбасада и на швајцарската развојна организација Хелветас, каде остварија средба со училишното раководство, наставниците и учениците.
-Среќна сум што Македонија добива нови партнери во заложбите за континуиран развој на средното стручно образование, кое нема да биде скромно ако кажам дека е силна страна на националниот образовен систем и затоа мора да продолжи постојано да се надградува. Очекувам да има интерес за новата квалификација затоа што според регионално истражување таа е навистина побарувана и им благодарам на Кралството Шведска и Волво Груп што ќе помогнат во создавањето на квалитетен и потребен кадар во нашето стопанство, рече Јаневска.
Нагласи дека Владата останува посветена на развој на стручното образование, кое привлекува над 70% од учениците во последните две генерации кои се запишуваат во прва година во средно образование, со фокус на дуалниот модел.
Квалификацијата – специјалист за мехатроника на камиони и тешки возила квалификацијата е овозможена преку склучен меморандум за соработка на Министерството за образование и наука и Швајцарската развојна организација Хелветас во рамки на регионалната програма RECONOMY, финансирана од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida).

