Во текот на изминатото деноноќие, полицијата регистрираше три тешки сообраќајни несреќи во различни делови на државата, при што три лица се здобиле со тешки телесни повреди.

Најновата несреќа се случила рано утрово (01.02) во 04:28 часот во Битола. На улицата „Партизанска“, патничко возило „мерцедес“ со бугарски таблички, управувано од 44-годишниот Б.К. од Скопје, излетало од патот и удрило директно во дрво. Возачот е хоспитализиран во Клиничката болница Битола со тешки повреди.

Вчера (31.01) во 11:10 часот, на патот Прилеп-Битола кај селото Галичани, се случил верижен судир во кој учествувале четири возила („сеат“, „опел“, „рено“ и „фиат“). Во несреќата најтешко настрадал возачот на „сеатот“, Ј.Ј. (31) од Битола, кој е пренесен во прилепската болница.

Третиот случај е регистриран во Радовишко, каде запрежно возило натоварено со бесправно исечени дрва излетало од патот на Плачковица. Тешко повреден е 23-годишниот Џ.Б., додека другите две лица избегале од местото на настанот со возилото, но подоцна биле пронајдени од полицијата, а дрвата се предадени на Шумска полиција.

Exit mobile version