Од денеска официјално започнаа градежните активности за изградба на булеварот „Македонија“, клучен инфраструктурен проект од кој се очекува значително да ги намали сообраќајните гужви во главниот град. Проектот е поделен на четири фази, а првата е веќе во тек со рок на изведба од 90 дена.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, при означувањето на почетокот истакна дека ова е проект за кој се говори со години, но сега конечно се реализира. „Тука сме на почеток на првиот од четирите чекори. Рокот на изведба е 90 дена, а од следната недела ќе ја почнеме тендерската постапка за втората фаза. Верувам дека веднаш по завршување на првата, ќе започнеме со реализација на втората фаза“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој изрази оптимизам дека целосниот проект ќе биде завршен до крајот на неговиот тековен мандат, со што Скопје ќе добие ново, модерно сообраќајно решение.

