Во случајот со Прилепската болница, судот им определи притвор до 30 дена на шест лица, на 19 мерка за претпазливост, а на седум фирми забрана за учество во постапки за јавни набавки, потврди за МИА претседателката на прилепскиот Основен суд Јасмина Шишковска.

Од шесте лица, четворица се од болницата, дел од поранешното раководство, а две лица се надворешни.  Четворица од шесте осомничени – мажи притворот ќе го издржуваат во Затворот во Битола, а две жени во затворот во Шутка. 

Основното јавно обвинителство соопшти дека отвори истрага за вкупно 32 физички и правни лица.

Според обвинителството, сите се осомничени за злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, како и проневера во службата. Со пријавата на Управата за финасиската полиција се опфатени и дејствија на несовесно работење, злоупотреба на службената положба и овластување, фалсификување или уништување деловни книги и други кривични дела за дел од осомничените, кои обвинителството ги испитува.

Осомничените, меѓу кои и поранешната директорка, раководители и други вработени на болницата, но и управители на осомничени правни лица го оштетиле буџетот на болницата за над 42 милиона и 700 000 денари. Сето тоа преку постапки за јавни набавки за сервис на моторни возила, чистење на работните простории, сервис на водоводна мрежа, молерофарбарски услуги, физичко обезбедување, реконструкција на инфективното одделение, односно преку неизвршување на договорните обврски и незаконски промени на налози за исплата.

Управата за финасиската полиција пред шест месеци почна да ја „чешла“ состојбата во Прилепската болница. 

Exit mobile version