Шарл Мишел: Нуклеарната енергија е извор што може да помогне во борбата против климатската криза

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, денеска изјави дека нуклеарната енергија е еден од изворите што може да помогне во борбата против климатската криза, од една страна, а од друга страна, може да и помогне на ЕУ во градењето стратешки енергетска автономија.

Во пресрет на почетокот на првиот глобален самит за нуклеарна енергија, што го организираат во Брисел, Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) и Кралството Белгија, тој им рече на новинарите дека енергетскиот сектор е фундаментален за иднината на ЕУ и неговата способност да ја контролира иднината.

„Добро е што водиме дебата, што решивме да разговараме за тоа како можеме да иновираме, како можеме да инвестираме за да обезбедиме поголема стратешка автономија и да се справиме со оваа климатска криза“, рече Мишел.

На првиот самит за нуклеарна енергија во Брисел учествува и српскиот претседател Александар Вучиќ.

На самитот учествуваат делегации од 30 земји, претставници на индустријата, раководители на истражувачки центри, експерти, како и претставници на граѓанското општество.

Светските лидери ќе се соберат за да ја истакнат улогата на нуклеарната енергија во намалувањето на употребата на фосилни горива, зајакнувањето на енергетската безбедност и поттикнувањето на економскиот развој.

21.03.2024 - 12:47

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега